IN STORE in your country:
Makedonija   Slovenija   Hrvatska   Srbija   BiH  
Povratak na pocetnu stranu  
  Македонија Сабота, 25.11.2017 || Budweiser ќе испраќа јачмен во вселената  |  Весел почеток на соработката меѓу „Вела“ и „Орбико“  |  Пораст на е-продажбата на dm  |  „Карфур“ лансира одржлива приватна трговска марка  |  Просечната нето-плата во септември – 23.229 денари  |  Голем пораст за приватните трговски марки на „Теско“  |  Амазон оди „во шопинг“  |  „Попова кула“ со добивка од 4,8 милиони денари  |  Задолжителна квота за жени во управувањето со компаниите  |  „Дониа“ наградена со јубилејно признание  |  „Алибаба“ со нова инвестиција од 2,9 милијарди долари   |  Почнува втората потрага по „Добри брендови“  |  „Хол фудс“ со поголеми снижувања за премиум членовите на „Амазон“  |  „Тиквеш“ го претстави годинашното младо вино  |  Argeta веќе се произведува и во САД  |  Поповолна економска состојба во преработувачката индустрија во октомври   |  Зголемен прометот во индустријата во септември  |  Деловни средби за нови партнерства  |  Унапредување на трговските односи меѓу двете земји  |  „Нестле“ ќе го реорганизира бизнисот со храна за бебиња  |   ||
   

Човечки ресурси: Што е тоа добар колега?

16.10.2017
 

Добриот колега е добар човек. Помага, почитува и разбира. Ве крева кога ќе паднете. Ве поттурнува кога ќе застанете. Ве теши кога плачете. А, може да изнервира најмногу на светот, и тоа за секунда.

Автор: Ениса Селмановиќ-Салкиќ, раководител за правни работи и за човечки ресурси во „Мегамикс"

Не многу одамна, потпевнувавме во светот постои едно царство и во него царува другарството... Во тоа време свечено се колневме дека секогаш ќе бидеме добри другари еден на друг и дека со другарството ќе ја достигнеме врвната цел – братство и единство. Не само што потпевнувавме, туку и верувавме и го живеевме тоа другарство. Да се биде другар, значеше да се почитува, да се  сака и да се помага, да се дружиме. Тоа време помина – пораснавме и сега станавме пријатели, познаници и колеги.

Поимот „колега" денес може да звучи и старомодно, но ја има истата вредност, како и да се нарече тој однос. Што е тоа колега? Кој е тој колега? Па, тоа е тој, човекот (или луѓето) со кого најчесто поминуваме повеќе време отколку со семејството, пријателите и со другарите. Со колегите сме по цели денови, а и тие со нас. Едни на други сме и пријатели, и семејство, и поддршка – во одредени денови. Во други денови, пак, со колегите сме во судири од епски размери. Во конфликти за различни мислења. Во борба за сопствените ставови.

Не е сèтака црно и бело, има и сиви денови, кога со колегите истовремено сме и пријатели, и две „завојувани страни". Сèтоа е добро и нормално, додека е под контрола.

Како да се биде добар колега? Ако очекувате упатство за употреба и насоки како да станете колегата што сите ќе го сакаат, веднаш престанете да читате. Фрлете го списаниево и продолжете да го работите тоа што сте го работеле. Ако сепак, текстов ве „заскокотка", продолжете да читате. Секако, на сопствена одговорност.

Добриот колега е добар човек. Помага, почитува и разбира. Ве крева кога ќе паднете. Ве поттурнува кога ќе застанете. Ве теши кога плачете. А, може да изнервира најмногу на светот, и тоа за секунда. Само затоа што се дрзнал да не мисли исто како и вие.

Колегата му помага на колегата. Сцена: Колегата е затрупан со работа. Во голема паника е, не може да постигне, шефот му „дише во врат", а нови задолженија уште доаѓаат... Работното време е при крај, а вие се спремате и поминувате покрај излудениот колега, кој со вознемирени и крвави очи зјапа во мониторот и куцка на тастатурата. Тоа не е убаво. Враќајте се назад да му помогнете на човекот! Не попувајте му дека е бавен, збунет или дека работи кампањски. Помогнете му – ако знаете. Ако не знаете, донесете му барем чаша вода, кафе или нешто да касне. Тоа многу ќе му значи, а вие ќе бидете неговиот херој на денот. Најдобриот колега на светот.

Колегата го почитува колегата. Колегата не вреска на секој повишен тон на гласот, не го прекинува разговорот на колегата. Не му се обраќа со потценување. Не спушта слушалка. Не ја треска вратата пред нос. Се радува на успесите на колегата. Не се обидува да го надвика кога зборува, секогаш чека да се доискаже. Љубезно поздравува. Кога е болен колегата, прашува како е. Кога е празник за славење – честита. Кога изнесува спротивно мислење, само тоа и го прави – изнесува мислење. Не брза да ги прераскаже сите мани на колегата и неговите мислења. Да не набројувам понатаму – почитта е голем збор, а имам ограничен број на зборови.

Колегата го „крева" колегата. Секој ден не е сончево – има денови кога врне, грми и молска. Едноставно, не мора да има некоја очигледна причина. Не влошувајте ги дополнително работите. Не игнорирајте го колегата – поразговарајте со него, понудете му помош. Прераскажете му некоја заедничка анегдота, што можеби ја подзаборавил и која веројатно ќе предизвика насмевка на неговото лице. Понудете му да понесете дел од неговиот товар. Нека знае дека сте тука и дека се трудите да му биде подобро. Бидете негова поддршка и заедно избркајте ги темните облаци.

Колегата го поттурнува колегата. Човекот веќе не може – се изморил. Има творечка и креативна блокада. Има криза. Помогнете му, покажете му дека може! Потсетете го на претходните успеси. Кажете му да направи пауза и да се одмори малку, излезете на воздух или отворете го прозорецот. Не дозволувајте да падне неговиот дух. Објаснете му дека е тоа моментален пад на енергијата, на нешто... што било, во што ќе поверува. Бидете маркетинг-гениј и презентирајте му кампања за сите негови подвизи и успеси. Не мислам буквално да направите презентација, само малку повеќе потрудете се да го потсетите на тоа дека е добар во работата и оти тој го може тоа. Местото на кое сега застанал е само моментално.

Колегата го нервира колегата. И тоа како! А, така и треба. Тоа дури е и здраво. Нереално е да се очекува дека сèќе биде идилично – тоа е нездраво. Ако вашето мислење е спротивно на тоа што мисли колегата, бидете опозиција. Тоа можеби и ќе му помогне, односно ќе му отворите поинаква перспектива. А, можеби, и вам малку ви е потребен здрав конфликт. Малку опуштен судир, од кој ќе се роди нешто позитивно. Не, не да се расправате како алапачки и да се заканувате со физичка сила. Расправајте се фино, како луѓе. Како колеги.

Потрудете се заедничкото време со колегата да биде забавно. Кога веќе по цели денови сте заедно, може понекогаш и да се насмеете, па и да запеете. Нека се случува нешто забавно.

Но, немојте само вие да бидете светецот кој на сите ќе им прави добро, а нема да очекува ништо за возврат. Очекувајте колегите да ви возвратат во иста мера. Тоа реално треба да го очекувате, бидејќи ќе добиете толку колку што сте понудиле.

Знам дека ги има и тие што не се добри колеги, па залудни се упатствава, сè е залудно. Тие ќе си продолжат по свое. Кога и да сум имала некој таков човек околу мене, мајка ми секогаш ме советуваше: Немој и ти да бидеш како него. И секогаш беше во право. Не бидете како лошите колеги – бидете подобри од нив! Ако сме сите лоши и ако никој не се труди да биде подобро, тогаш нема да ни биде подобро. Потрудете се со нив да имате каков-таков соживот. Не мора со сите да бидете во одлични односи и да се дружите пред, за време на работата и по работа. Со некои колеги, може да функционирате добро само за време на работата. Но, потрудете се тоа функционирање да биде колку што е можно подобро.

А сега, веднаш на работа и бидете им добар колега на своите добри колеги!


 
 
 
 
back to top