IN STORE in your country:
Makedonija   Slovenija   Hrvatska   Srbija   BiH  
Povratak na pocetnu stranu  
  Македонија Четврток, 23.11.2017 || Просечната нето-плата во септември – 23.229 денари  |  Голем пораст за приватните трговски марки на „Теско“  |  Амазон оди „во шопинг“  |  „Попова кула“ со добивка од 4,8 милиони денари  |  Задолжителна квота за жени во управувањето со компаниите  |  „Дониа“ наградена со јубилејно признание  |  „Алибаба“ со нова инвестиција од 2,9 милијарди долари   |  Почнува втората потрага по „Добри брендови“  |  „Хол фудс“ со поголеми снижувања за премиум членовите на „Амазон“  |  „Тиквеш“ го претстави годинашното младо вино  |  Argeta веќе се произведува и во САД  |  Поповолна економска состојба во преработувачката индустрија во октомври   |  Зголемен прометот во индустријата во септември  |  Деловни средби за нови партнерства  |  Унапредување на трговските односи меѓу двете земји  |  „Нестле“ ќе го реорганизира бизнисот со храна за бебиња  |  „Нимрод“ е втор снабдувач со дивеч во Европа  |  Крањските колбаси собраа 1.200 посетители  |  „Кооп“ воведува свинско без антибиотици  |  Месото најскапо во Швајцарија  |   ||
   

Берин: 25 години ја штитиме интелектуалната сопственост

15.06.2017
Ѓорѓи Филипов и Ванчо Дамјански, „Берин" 
 
Разговараше: Наташа Атанасова, natasha@instore.mk

Друштвото за интелектуална сопственост „Берин" годинава слави 25 години од своето основање. Основано е во 1992 г., но дури во 1994 г. почнало да се занимава поинтензивно и со прашања од областа на интелектуалната сопственост (ИС). Основачот е проф. д-р Ѓорѓи Филипов, кој е и првиот директор на Заводот за заштита на индустриска сопственост на Македонија. Во периодот од 1994 до 1999, „Берин" ги поднесува првите меѓународни пријави од Македонија пред Светската организација за интелектуална сопственост, за признавање на трговска марка, првата меѓународна пријава на патент, како и првата пријава на индустриски дизајн. Со Ѓорѓи Филипов и со Ванчо Дамјански, кој од 2005 година е на позицијата директор на друштвото, договоривме разговор по повод нивниот јубилеј, но поттикнати од многуте прашања што сиве овие години ни се отвораа во разговорите со компаниите од секторот, а се однесуваат на индустриската сопственост.

Со стекнување на правото на индустриска сопственост, фирмата има, на некој начин, монопол за пласман на пазарот на територијата на која е заштитена марката.

Колкава е денес свесноста на македонските компании, особено на оние од FMCG-секторот за значењето на навременото заштитување на индустриската сопственост?

В.Д.: Не можеме да бидеме целосно задоволни од свесноста за значењето на интелектуалната сопственост кај сите македонски компании, но постојат и такви, кои се многу упатени во областа, особено кога станува збор за трговските марки и за индустрискиот дизајн, па затоа, уште од самото создавање на производот и дизајнот на пакувањето соработуваат со нас, со цел да изберат име или изглед на марка која ќе биде единствена, препознатлива, лесна за изговарање и погодна за разликување на пазарот и која нема да ги доведува во заблуда потрошувачите или да им наштети на конкурентите. Такви се можеби 10% од фирмите. За жал, голем е процентот на компаниите кои стануваат свесни за значењето дури откако ќе се појават проблеми и откако ќе стане доцна за преземање на вистинска мерка за решавање на проблемите.

Каква е улогата на заштитата на производите во зголемувањето на конкурентската предност на странските пазари? Колку може да се зголеми преговарачката моќ на компаниите врз основа на нивните заштитени оригинални производи?

Ѓ.Ф.: Тоа е основната намена. Со стекнување на правото на индустриска сопственост, фирмата има, на некој начин, монопол за пласман на пазарот на територијата на која е заштитена марката, патентот или индустрискиот дизајн. Без нејзино одобрување никој не смее да користи, продава или произведува таков артикал. Конкурентската моќ е зголемена, што значи и преговарачката моќ околу продажба на производите или за евентуална франшиза или давање лиценца за производство или право на агентура или дистрибуција е зголемена... Заштитата на трговските имиња со марки на производите на Мермерниот комбинат од Прилеп за териториите на Кина, арапските земји, Италија и Грција, доведоа до тоа веднаш да ја зголемат нивната цена за 10%, само поради фактот што на пр., Сивец, стана трејдмарк. Да не зборуваме за други случаи на претходно заштитени марки, како на пр., Atlantis на „Витаминка", Ressana на „Агроплод" („Свисслион") или Vincinni на „Макпрогрес", многу марки на „Пекабеско", „Кам" и на други компании, кои се дел од, Вие велите, свесните, за значењето на индустриската сопственост.

  Според законот, пријавата на марката се објавува во Гласникот и секој заинтересиран има право да поднесе приговор до Заводот за индустриска сопственост.

Во FMCG-секторот има производствени, дистрибутивни и трговски компании. Што сè можат тие да заштитат како своја индустриска сопственост?

В.Д.: Сите можат да заштитуваат свои интелектуални сопствености, меѓутоа производителот добива најмногу од заштитата. Производствените компании можат да го заштитат производот со право на патент (доколку се работи за одредена постапка за производство или нови состојки од кои се произведува), со право на индустриски дизајн (надворешен облик на производот или мостра) и со право на трговска марка, која некогаш може да биде и тродимензионална (на пр., шишето на Coca-Cola). Вообичаено во договорот за дистрибуција или продажба се потенцира за кој производ се работи, за која територија и на колку време се однесува. Мора да се спомене и под кои финансиски услови се склучил договорот... Со цел зголемување на конкурентската предност, „Берин", доколку тоа се бара од него, пружа услуги на консалтинг од областа на интелектуалната сопственост во сите чекори на производно-продажниот синџир. Од тоа, каков состав или каква постапка за производство да се примени (дали постои патентиран состав или постапка), па сѐ до името на марката или каков да биде дизајнот на производот или пакувањето и под кои услови или на каков начин да се организира продажниот канал.  

Дали нудите консалтинг за стратегија за заштита на странски пазари која е во корелација со извозната стратегија на една компанија и во што се состои тој?

Ѓ.Ф.: Да, тоа е една од основните работи на нашата компанија. Доколку нашиот деловен партнер бара таков вид услуга, вообичаено е да организираме средби на терен (во производствената компанија) или кај нас во „Берин". На средбата, производителот ја презентира својата маркетиншка стратегија за пласман, а ние правиме нацрт-стратегија за заштита на интелектуалната сопственост. Добро е тоа да се стори пред почеток на извозот. Во нашите бази на податоци, прво проверуваме дали на пазарите на кои треба да се извезува веќе постојат исти или слични марки, потоа предлагаме заштита, поднесување пријави, па дури потоа настап на пазарот. Доколку не се постапи така можни се огромни трошоци за компанијата извозник, која решила да извезува не знаејќи дека некоја друга тамошна или странска фирма веќе регистрирала марка и има ист или сличен дизајн на производ како нејзиниот.

Електронската трговија е сегмент од трговијата што доживува особен подем во последните години. Што сè е подложно на заштита тука?

В.Д.: На крајот од синџирот и во електронската трговија се наоѓа производот, онаков, каков што треба да дојде до потрошувачот или крајниот корисник. Значи и тука се работи за основната заштита на некоја од категориите на индустриската сопственост. Организаторот на електронската трговија може во одредени случаи да го заштити и бизнис-моделот (во САД) или софтверот за реализација на електронската трговија (САД, може да помине понекогаш и во Европа) со патент, но најдобро е доколку се наметне со трговска марка, на пр., марката Амазон, како поим за електронска трговија со книги.

 Најголемата заблуда или мит е мислењето дека со патент можат да се штитат идеи.

Сите ние секојдневно се бориме со факти да уриваме одредени митови што постојат за нашата област на работење. Кои се најголемите митови поврзани со заштитата и индустриската сопственост што кружат во македонската бизнис-јавност, а што со задоволство би ги урнале со цврсти факти?

Ѓ.Ф.: Одлично прашање J. Постојат митови, како на пример, прашањето колкав процент на разлика треба да постои од марка до марка за да може да „помине" пред Државниот завод за индустриска сопственост. Такво нешто не постои. Според законот, пријавата на марката се објавува во Гласникот и секој заинтересиран има право да поднесе приговор до Заводот образложувајќи зошто не е погодна веќе објавената пријавена марка за заштита. Заводот го разгледува приговорот и одлучува по него. Приговорот може да биде прифатен или одбиен. За тоа одговорните лица во заводот – испитувачи, одлучуваат според аргументи, но и според лично убедување. Според Законот, само целосно идентични марки (фалсификати) или марки спротивни на моралот и етиката се одбиваат директно, заради „апсолутни причини", од страна на Заводот.

Потоа, митот околу крадењето на „ајварот" од страна на Словенците, кој неколку пати сме го разобличувале, а сепак, сè уште постојат луѓе што веруваат дека „ајварот ни бил украден", што, се разбира, апсолутно не е точно. Ајварот е генерички производ, и токму како и вода, пиво, вино или ракија – не може да биде заштитен како збор. Така, впрочем постапи и Германскиот патентен завод со пријавата на трговската марка во збор „Ајвар" во 1997 година – ја одби.

Би ги спомнале и колективните марки или ознаките на потекло на производи или географските ознаки. Треба да се знае дека заштитата со ознака на потекло е колективна, значи секој производител од одреденото географско подрачје или тој што ќе произведува според специфичната постапка и ќе користи специфични материјали споменати во образложението за географската ознака – може и смее да го произведува тој производ означен со таква географска ознака на потекло.

Сепак, најголемата заблуда или мит е мислењето дека со патент можат да се штитат идеи. Со патент се штитат само пронајдоци за кои имаме ново техничко решение, кои се резултат на творечки труд (не се украдени) и кои во одредениот временски момент се технички изводливи и применливи во индустријата.

Постојат и други митови, но веќе спомнавме доволно.

Правата на интелектуалната сопственост служат како индикатори за технолошкиот, економскиот, но и за научниот и културолошкиот развој на општествата. 

Неодамна бевте на најголемиот настан во светот на трговските марки, конференцијата на ИНТА во Барселона. Какви искуства донесовте оттаму и дали би им препорачале на македонските компании да ја посетат?

В.Д..: На ИНТА годинава, во Барселона, присуствуваа 11.000 учесници, од нив најголем дел застапници за трговски марки од целиот свет. Тоа беше Генерално собрание на Светската асоцијација за трговски марки. „Берин" организираше сопствен семинар во рамките ма ИНТА, што беше оценето како храбар потег имајќи предвид што досега ниедна фирма од територијата на ЈИЕ не презела таков чекор. Сфативме дека и оваа дејност сѐ повеќе се глобализира и се создаваат компании џинови во областа. Исто така, во светот на голема врата влегоа две нови сили во областа на интелектуалната сопственост – Кина и Јужна Кореја, па со нив поранешниот триаголник (САД, Европа и Јапонија), стана пентаграм. На нашите компании секако дека им препорачуваме да отидат понекогаш на ИНТА, ако за ништо друго, да ја зголемат свесноста за реалноста на значењето и од потребата од заштита на трговските марки и на другите права од ИС во светот. Ќе видат и со каква сериозност се пристапува на ова прашање, и дека правата на интелектуалната сопственост служат како индикатори за технолошкиот, економскиот, но и за научниот и културолошкиот развој на општествата.

Очигледно сте ја увиделе потребата од интернационализација и порано, со оглед на тоа што од фокус на македонскиот пазар и македонските клиенти, денес застапништвото на странските клиенти е поголем дел од работата на „Берин". Во која насока во иднина го гледате развојот на компанијата?

Ѓ.Ф..: Точно така. Веќе одамна многу голем дел од нашиот деловен опсег припаѓа на односи со странски партнери. Го следевме правилото прво да бидеме добри дома, па потоа надвор. Имаме намера да ја зацврстиме позицијата во Македонија и да ја зголемиме присутноста во странство. Сакаме бројката од 1.000 пријавени патенти годишно или 500 трговски марки, вкупно во сите земји каде дејствуваме, многу бргу да стане норма за „Берин". Во план е да навлеземе подлабоко во консалтинг бизнисот и во бизнисот на мониторинг и конкурентското разузнавање, но и во интернационализација на заштитата на авторските права и исплатата на надоместоци на авторите, за што сме веќе во разговори со некои наши партнери. Сакаме нашиот метод за создавање и анализа на портфолија на патенти и трговски марки да стане моќна алатка за создавање стратегии за иновацискиот и бренд-менаџментот на што повеќе компании. Убедени сме дека така и ќе биде, па во следниот разговор за InStore, списание кое веќе ни служи како извор на информации за FMCG-секторот, да разговараме на тема развој на една компанија со ваква ориентација. 


 
 
 
 
back to top