IN STORE in your country:
Makedonija   Slovenija   Hrvatska   Srbija   BiH  
Povratak na pocetnu stranu  
  Македонија Вторник, 26.09.2017 || „Таргет“ се вклучува во ценовната војна  |  Срѓан Златичанин е новиот генерален директор на „Фриком“  |  Извозот на вина и пијалаци се зголеми за 12%  |  „Алди“ ги отвора првите безнински пумпи  |  „Лидл“ ќе продава производи направени според стари семејни рецепти  |  „Кока-кола активна зона“ во Радовиш  |  „Шпар“ - прв меѓународен синџир во Белорусија  |  „Макпрогрес“ ја презема „Дониа“  |  Prohibition – нова безалкохолна верзија на Budweiser  |  „Браун-Форман“ ја зголеми продажбата  |  Oд понеделник во продажба Добриот леб   |  „Крафт-Хајнц“ заинтересирани да го преземат „Данон“  |  „Млекара Плана“ вторпат на продажба  |  „Перно Рикар“ најавува зголемување на продажбата  |  Првата пратка производи тргна за Москва  |  Најважна е поддршката на домашните компании  |  „Ахолд Делез“ е меѓу лидерите за одржливо работење  |  „Жито“ во Петровец, прв во таа општина  |  Нова сезона на „Полица за домашните“ во „Лидл“  |  Златни медали за вината на „Тиквеш“ во Кина   |   ||
   

Амир Бекиќ: Пораст на приходите и успешно работење

16.08.2017
 
Амир Бекиќ, генерален директор на „Адриатик груп"
 
Разговараше: Едина Мизиќ, edina.mizic@instore.ba

„Адриатик груп" со седиште во Виена е водечки дистрибутер на прехранбени производи од Југоисточна Европа во земјите на ЕУ. Групацијата е составена од 12 компании. Шест од нив се со седиште во земји членки на ЕУ и дистрибуираат прехранбени производи во 16 земји во Европа. Во состав на „Адриатик груп" стопанисуваат и  шест компании од БИХ, кои се занимаваат со одгледување земјоделски производи, преработка на храна и со дистрибуција

Во 2016 година „Адриатик груп" забележа значаен пораст на приходите, кои на ниво на групацијата изнесуваа 72 милиони евра. Според генералниот директор, Амир Бекиќ, покрај вообичаениот органски пораст на сите пазари, порастот во 2016 г. е и последица на преземањето на дистрибуцијата на производите на „Подравка", кои заедно со производите на „Адриатик груп" се пласираат на поголемиот дел од западноевропските пазари. Во разговорот за  InStore, зборува за активностите што го одбележале изминатиот период и за тоа какви се плановите за тековната година.

„Адриатик груп" забележа значаен напредок во работењето во 2016 година. На што се должи порастот и за колку се зголемија приходите?

Во 2016 г. бележиме значаен пораст на приходите, кој на ниво на групација изнесуваше 72 милиони евра. Покрај вообичаениот органски пораст на сите пазари, порастот е и последица на преземањето на дистрибуцијата на производите на „Подравка", кои заедно со производите на „Адриатик груп" се дистрибуираат на поголемиот дел од западноевропските пазари.

Нашите комании во ЕУ имаа пораст во просек од 30 до 50 отсто, а во БИХ имавме двоен пораст, и покрај проблемите со пласман на стоките од примарниот сектор, со кој се соочувавме во текот на минатата година.

Колкава е добивката на членките на „Адриатик груп" на домашниот пазар, а колкава на пазарите во ЕУ? Кои пазари ви се, во таа смисла, најинтересни?

Добивката, која според деловната политика на групацијата спаѓа во доменот на деловни тајни, значително се зголеми во текот на минатата година, соодветно на зголемувањето на вкупните приходи. Секако, пазарите во ЕУ ни беа попрофитабилни, а во таа смисла сè повеќе вложуваме во развој на бизнисот во Германија, кој е, за нас, најголемиот пазар во ЕУ и пазар на кој треба да одговориме на многу повеќе барања.

Кои активности го одбележаа работењето на „Адриатик груп" минатата година? На кои пазари во ЕУ сте присутни?

Со оглед на тоа што основниот бизнис на нашата групација е дистрибуција на храна од нашите простори на пазарите во Европската Унија, во 2016 година успеавме да потпишеме договори за застапување на најзначајните компании од регионот.

Производите на „Подравка", преку наши компании во четири европски земји, ги пласираме на пазарите во Германија, Австрија и во Швајцарија (т.н. DACH-регион), во Бенелукс (Белгија, Холандија и Лукембург), во Велика Британија, Ирска и во Франција. Со производите на „Адриатик груп" сме присутни во Германија, во Австрија и во земјите на Бенелукс.

Покрај наведените компании, имаме долгорочна соработка со сите поголеми компании од Хрватска, Србија, БИХ и од Македонија, чии најпознати брендови се дел од нашето дистрибутивно портфолио.

„Адриатик груп" прерасна во најголемиот и најзначајниот партнер на индустријата на храна за сите држави од Западен Балкан.

Со сè што наведовме, „Адриатик груп" прерасна во најголемиот и најзначајниот партнер на индустријата на храна за сите држави од Западен Балкан.

Во текот на минатата година го заокруживме работењето на пазарите на ЕУ и обезбедивме присуство на стоките во престижните европски синџири. Така, бележиме пораст на пласманот на стоки кај клучните клиенти „Едека", „Реве", „Метро" и „Реал" во Германија, во „Алберт Хеин" во Холандија, како и во „Шпар", „Била", „Меркур" и „Пени" во Австрија. Ги завршивме преговорите и со повеќето од хард-дисконтерите и наскоро очекуваме нашите производи да се најдат на полиците во „Алди", „Хофер" и во „Лидл".

Во БИХ имате фирми што се занимаваат со организација на примарно земјоделско производство, како и две фабрики за преработка на овошје и на зеленчук. Како ја оценувате деловната година во БИХ?

Нашите две фабрики во Биелина и во Зворник бележат пораст на производството поголем од 50 отсто, а нашиот бренд Natura, покрај тоа што се извезува во 15 земји во ЕУ, станува најзначајниот бренд во својата категорија во БИХ. Во следните години ќе работиме на развој на Natura уште повеќе, како во БИХ, така и на пазарите во земјите од регионот.

Преку нашата фирма „Агрона" од Живинице, минатата година успеавме да здружиме 2.250 кооперанти од цела Босна и Херцеговина за производство на корнишони. Реализиравме производство од преку 8.000 тони деликатесни краставички, што е, веројатно, најголемото производство на овој вид производ во овој дел од Европа.

За жал, поради компликуваноста на пазарот, бевме принудани да уништиме околу 1.200 тони краставички, но не дозволивме загубата да се пренесе на нашите кооперанти на кои уредно - да бидеме искрени, со мало задоцнување - им го исплативме сработеното. На тој начин ја зачувавме нашата производствена база и испративме сигнал до земјоделците дека сме решени долгорочно да бидеме присутни и да вложуваме во земјоделскиот сектор во БИХ.

Како би ја опишале состојбата со земјоделскиот сектор во Босна и Херцеговина во моментов. Во која насока очекувате да се движи во годините што претстојат?

Без уште позначително вклучување на државата на сите нивоа во проблематиката на земјоделството и на земјоделците, нема да може оптимално да се искористи потенцијалот што, објективно, го имаме во БИХ. Потребно е, покрај другото, да се поттикнува одгледувањето и пласманот на извозно ориентираните култури. Ние, преку нашите контакти во Европа, знаеме дека постои интерес за овошје и за зеленчук од нашите простори, и како суровина за преработувачкиот сектор, и за директен пласман на полиците на трговските синџири во европските земји.

Какви резултати очекувате на крајот од деловната година и какви се плановите за 2017 година?

Сметам дека ќе го следиме трендот на пораст на приходите и дека оваа година значително ќе се приближиме на посакуваниот вкупен промет од 100 милиони евра. Покрај развивањето бизниси на сите пазари, влеговме и во процес на зајакнување на внатрешната структура на сите компании и во целост сме отворени за вработување кадри што можат да придонесат за понатамошен пораст и за развој на нашата групација.

Во Холандија и во Германија планираме да изградиме свои логистички центри, за да можеме поефикасно да ја реализираме нашата мисија, а тоа е - континуиран пласман на прехранбени производи од нашите простори во земјите од Европа.

Исто така, ќе продолжиме со вложување во нашите компании во Босна и Херцеговина и на тој начин ќе дадеме придонес за развој на стопанството во нашата земја.


 
 
 
 
back to top